Добредојде гостин

Бенефити од органското производство



По дефиниција, органските производи не содржат пестициди, хербициди и други потенцијално штетни материи кои можат му наштетат на нашето здравје. Токсичните ѓубрива и пестициди станаа рутински дел на модерното конвенционално земјоделство. Изложеноста на неразградливите органски загадувачи (POPs) содржани во пестицидите се поврзува со појава на ракот, потиснување на имунолошкиот систем, нервни, репродуктивни и хормонални пореметувања. Многу производи кои се направени од конвенционално одгледани култури во себе содржат остатоци од пестициди и хербициди со кои биле третирани.

Континуирано се зголемуваат и сознанијата за несакани и потенцијално опасни ефекти предизвикани од синтетичките конзерванси, кои имаат за цел да го спречат расипувањето на храната. Поголемиот дел од конзервансите кои се употребуваат денес, се вештачки. Поради можните несакани ефекти од некои вештачки конзерванси, мудро е да се одбира храна, која содржи само природни конзерванси. Во органската храна за да се продолжи рокот на употреба на производите се употребуват природни конзерванси а бројот и количините на вештачките конзерванси дозволени за употреба се минимизирани, со што се намалува нивото на вештачките хемикалии кои влегуваат во телото.

Нашиот организам може да се ослободи од одреден број на токсини со кои доаѓаме во контакт, всушност нашите тела се создадени да елиминираат токсини. Меѓутоа, проблемот со кој се соочуваме денес, е тоа што постои многу поголема изложеност на хемиски отрови отколку да речеме пред 50 години. Овие отрови доаѓаат од храната, воздухот, водата, од производите за чистење и нега на телото, производите наменети за реновирање на нашите домови и многу други извори на токсини. Многу од нас постојано се соочуваат со “токсична предозираност”, и нашите тела неможат да се ослободат од сите отрови кои ги внесуваме.

Притоа бебињата и децата се повеќе ранливи бидејќи нивниот имунолошки систем не е развиен и тие внесуваат повеќе храна по килограм телесна тежина отколку возрасните. Луѓето со хронични заболувања или ослабен организам поради било која причина, се исто така ризична категорија.

Користењето на органски производи ќе помогне да се намали токсичениот товар со кој мораме секојдневно да се справуваме. Органската храна има подобар вкус и обично содржи повеќе витамини и минерали од конвенционално одгледаната храна. Некои органски производи сèуште е тешко да се најдат и претставуваат оптоварување за буџетот на многумина. Сепак, било какво пренасочување кон органската храна е полезно. Вие не мора да започнете со купување на се што е органско преку ноќ, всушност, тоа е скоро невозможно. Сепак со зголемената побарувачка за органски производи, ќе се мотивираат производителите и трговците да ги произведуваат односно нудат органските производи. Со тоа ќе се зголеми и нивниот избор и веројатно ќе се намали нивната цена.


Подобро за нашата животна средина.

Конвенционалните земјоделски практики предизвикуваат многу проблеми во животната средина. Во многу случаи, пестицидите применети на полињата доведуваат до големи дисбаланси во екосистемот, кои пак резултираат со неуспешни реколти на производството. Незначајните штетници може да се станат многу сериозни штетници кога со пестиците ќе уништат корисните инсекти кои по природен пат ја ограничуваат експанзијата на штетниците.

Органското произвоство претставува алтернатива за негативните еколошки последици од хемиските ѓубрива и пестициди кои се користат во конвенционалното земјоделство. Животните јадат растенија кои се третирани со синтетски препарати и истите се депонираат во нивните тела во уште повисоки концентрации. Органското земјоделство користи методи за контрола на штетниците преку создавање на услови за корисните инсекти на пример: на производните парцели се засадуваат и растенија кои ги привлекуваат природните предатори на штетниците и се одржува природна рамнотежа во екосистемот. Ваквите мерки покрај исфрлањето од употреба на хемиските препарати се корисни и од аспект на создавање на рамнотежа и разновидност на видовите.


Подобро за нашата економија.

Модерното органско земјоделство започнало со мали иновативни земјоделци заинтересирани за создавање на алтернатива за трендот на индустријализација која го карактеризира земјоделството во текот на дваесеттиот век. Земјоделските системи сочинети од бројни земјоделци со мали производни капацитет во земјите во развој како што е Македонија, , не можат да се натпреваруваат со индустриското земјоделство кое се практикува од страна на земјите со развиените земјоделски системи, ниту по продуктивност ниту по пазарни цени. Ова е еден од главните ограничувачки фактори за пласманот на производите на малите производители и на малите економии на земјите во развој на отворениот пазар на кој, благодарение на глобализацијата, сe повеќе се дава предност на големите и економски моќните учесници. Модерното земјоделство се разви во високо технолошка индустрија која вклучува генетска манипулација и употреба на хемикалии со кои се форсира производството и се произведува скапа и невкусна храна. Земјите во развој ја немаат оваа современа технологија, и во обидите да бидат конкурентни и да се натпреваруваат на светскиот пазар се повеќе и повеќе стануваат зависни од скапата технологија, за произведство на земјоделски производи.

Здравствените и еколошките последици на индустриското земјоделство се значителни, на крајот тие последици предизвикуваат и дополнителна финансиска штета за националната економија преку обидите за нивна санација. Органското земјоделство овозможува малите фарми да бидат поконкурентни со акцент на квалитет, а не на квантитет. Според истражувањето спроведено од страна на Меѓународниот фонд за земјоделски развој (ИФАД), малите земјоделци во земјите во развој може да имаат значајна корист од органското земјоделство преку ублажување на сиромаштијата во овие земји. Органските производи се најбрзорастечкиот прехранбен сектор во моментот. Голем број земји во развој, вклучувајќи ја и Македонија, гледаат потенцијални извозни можности во производството и извозот на органските производи. Земјоделските производители во земјите во развој живеат во рурално неразвиени региони и имаат ограничен пристап до модерните технологии. Со самото тоа тие имаат високи трошоци за производството и транспортот на производите и ограничени можности за продажба и заработка од сопственото производство. Сепак, голем број од овие производители применуваат традиционален начин на производство близок до органското производство без или со многу мала употреба на синтетички препарати. Со оглед на тоа дека продуктивноста е значително пониска кај традиционалните системи на производство, употребата на препарати изостанува, што во принцип значи и пониски трошоци на производство. Органското производство може да понуди решение за егзистенцијалните проблеми со оглед на тоа дека органските производи се продаваат по повисоки цени, а самото производство станува економски исплатливо.


Да заклучиме! честата употреба на органски производи ќе не направи сите нас поздрави. Ова е особено важно за бебиња, деца и луѓе со нарушен имунолошки систем. Зголемената употреба на органски производи има позитивен ефект на животната средина. Поголемата побарувачка на органски производи, ќе го зголеми изборот и ќе ја намали цената на органските производи.